Силно невреме го зафати поширокиот Јадрански регион, при што најпогодени се делови од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Обилни врнежи од дожд и силни грмотевици се забележани во повеќе области, а особено погодени се Истра, Далмација, Херцеговина и црногорското крајбрежје.
Во текот на денот, силна бура го погоди и хрватскиот град Пореч. Небото над градот нагло се затемни, а денот за кратко време се претвори во ноќ. Над морската површина била забележана и морска пијавица – природен атмосферски феномен кој привлекува внимание, но е релативно честа појава во овој период од годината во Јадранскиот регион.
Засега нема информации дали пијавицата стигнала до копното или останала над морето, но снимките од појавата предизвикаа голем интерес.
Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи до крајот на денот, со можност за нови обилни врнежи и силни грмотевици во крајбрежните области на Јадранот.
