Од СДСМ обвинија дека Владата не презема доволно мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, додека трошоците за живот продолжуваат да растат. На прес-конференција Маја Серафимовска Борозан побара зголемување на минималната плата на 600 евра и дополнителна поддршка за домаќинствата.
Според податоците што ги презентираше, од почетокот на годината трошоците за живот се зголемиле за околу 4.000 денари, а синдикалната минимална кошничка во октомври надминала 70.000 денари. Со додадена кирија за стан од 60 квадратни метри, како што рече, потребниот месечен износ се приближува до 90.000 денари.
„Платите не ги следат поскапувањата“, изјави Серафимовска Борозан, оценувајќи дека сè повеќе работници се соочуваат со тешкотии при покривање на основните животни потреби.
Таа посочи дека околу 180.000 работници примаат плата пониска од 31.200 денари месечно, додека минималната плата е околу 26.000 денари. Дополнително, предупреди дека најавените поскапувања на електричната енергија и парното од следната година можат дополнително да ги оптоварат семејните буџети.
Од опозициската партија тврдат дека премиерот Христијан Мицкоски ги одбил нивните предлози за зголемување на минималната плата и подобрување на куповната моќ на граѓаните.
„И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците“, рече Серафимовска Борозан.
Таа ја критикуваше и политиката на задолжување на Владата, посочувајќи дека според неа јавниот долг е зголемен за четири милијарди евра за две години. СДСМ смета дека последиците од задолжувањето и каматите ќе бидат товар за граѓаните и идните генерации.
Од партијата побараа Владата буџетските средства да ги насочи кон зголемување на платите и мерки за намалување на последиците од растечките животни трошоци.
