Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на Социјалдемократската младина (СДММ) за несоодветни услови во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, оценувајќи дека објектот нуди одлични услови за престој на студентите.
Во објава на Фејсбук, Јаневска ги повика претставниците на СДСМ лично да го посетат студентскиот дом и сами да се уверат во состојбата, откако од опозицијата беше посочено дека во домот има проблеми со влага, протекување вода, греењето и топлата вода.
Министерката истакна дека „Стив Наумов“ е првиот од деветте студентски домови кои ќе бидат целосно реконструирани и енергетски ефикасно обновени во текот на мандатот на актуелната Влада.
Осврнувајќи се на пријавените недостатоци, Јаневска посочи дека во секој новореновиран објект може да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека домот е под гаранција и дека изведувачот е должен навремено да ги отстрани сите забелешки.
Таа наведе дека дел од ситуациите биле предизвикани од неодговорно користење на просториите од страна на корисниците. Како примери ги посочи запушена канализација поради фрлени влажни марамици, активирање на алармниот систем поради оставена храна во вклучена микробранова печка, пожарна тревога предизвикана од запалена цигара во соба, откорнат радијатор и паркирање возила на зелените површини во дворот на домот.
Според министерката, сите овие ситуации биле навремено надминати, а таа додаде и дека исхраната во студентскиот дом е во согласност со пропишаните нутритивни стандарди.
