Во Собранието денеска ќе бидат врачени државните награди „23 Октомври“ за 2026 година, највисоко признание што се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство.
Свеченоста ќе се одржи во Кристалната сала на Собранието, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Годинашни добитници на државната награда се актерот Ѓорѓи Јолевски, кој е награден за долгогодишен придонес во областа на културата и уметноста, како и проф. д-р Стојко Стојков, историчар, и проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, археолог, кои ќе го добијат признанието за своите достигнувања во областа на науката.
Државната награда „23 Октомври“ традиционално се доделува на поединци кои со својата работа дале значаен придонес во развојот на државата, науката, културата, образованието и зачувувањето на националното културно и историско наследство.
Минатата година ова престижно признание им беше врачено на актерот Гоце Тодоровски, писателот Александар Кујунџиски, поетот, романсиер и драмски писател Братислав Ташковски, како и на академик Божин Павловски.
