Судењето против Ива Михаилова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе продолжи и без нејзино присуство, откако е донесена одлука да ѝ се суди во отсуство.
Од Основното јавно обвинителство Кочани информираат дека одлуката е донесена по нивен предлог, бидејќи обвинетата во моментов не е достапна за органите на државата.
„По предлог на Основното јавно обвинителство Кочани донесено е решение на И.М., обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, да ѝ се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи“, соопштија од Обвинителството.
Следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година во 9 часот.
Михаилова ја напушти Македонија на 11 октомври и замина во Софија, Бугарија. Таа поседува и бугарско државјанство, а во земјава се води постапка против неа за сообраќајна несреќа со смртни последици.
По нејзиното бегство, по неа е распишана централна и меѓународна потерница, а Основниот суд во Кочани ѝ определи притвор во траење од 30 дена. Претходно ѝ биле изречени мерки на претпазливост, меѓу кои и одземање на патните исправи.
