Дел од владините веб-страници во Европа привремено беа ставени надвор од функција по откривањето критични безбедносни ранливости во PHP, програмскиот јазик што се користи за функционирање на голем број интернет-страници и дигитални услуги.
Според информациите на „Ројтерс“, меѓу институциите што превентивно ги исклучиле своите страници биле и органи во Холандија и Финска. Мерката била преземена додека администраторите работеле на заштита на системите и подготовка за инсталирање на безбедносните ажурирања.
Холандските власти издадоа предупредување за сериозноста на откриените пропусти во PHP, повикувајќи ги организациите навреме да се подготват за надградбите. Предупредување упати и Британскиот национален центар за сајбер-безбедност, кој препорача системите што го користат овој софтвер веднаш да бидат ажурирани.
Реакција имаше и од европскиот CERT-EU, кој информираше дека објавувањето на безбедносната поправка било планирано за 21 октомври. Координираните предупредувања покажуваат дека станувало збор за проблем кој барал брза реакција од голем број системски администратори.
Експертите нагласуваат дека привременото исклучување на одредена веб-страница не значи автоматски дека системот бил нападнат или дека биле компромитирани податоци. Вообичаено, ваквата мерка се користи како превентивен чекор додека се отстрани потенцијалниот ризик.
За корисниците, последица од мерките е отежнат пристап до дел од дигиталните услуги, додека за институциите главен приоритет останува безбедното враќање на системите во функција и проверката дали пропустите биле злоупотребени пред поставувањето на поправките.
