Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот во кој 13-годишно момче беше брутално претепано во скопската населба Влае, а по завршување на постапката ќе бидат поднесени соодветни пријави против инволвираните малолетници.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека досега во СВР Скопје биле извршени службени разговори со петмина малолетници на возраст од 15 години. Разговорите биле спроведени во присуство на нивните родители и бранители.
Во тек е повикување и на други малолетни лица, со цел да се утврди кои сè учествувале во нападот.
„Во СВР Скопје досега се извршени службени разговори со пет малолетни лица (на возраст од 15 години), во присуство на родител и бранител. Во тек е повикување и на други малолетни лица заради утврдување на сите инволвирани во настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок“, соопштија од МВР.
Случајот во полицијата го пријавила мајката на 13-годишното момче, која изјавила дека нејзиниот син бил физички нападнат без причина во близина на плоштадот „Делфина“ во Влае. Според нејзините наводи, напаѓачите му биле познати од претходно.
Истрагата продолжува, а надлежните најавуваат дека по целосното утврдување на фактите ќе бидат преземени законски мерки против сите учесници во нападот.
