Колумбија вчера официјално ја отвори својата амбасада во Ерусалим, што претставува значаен пресврт во односите со Израел по периодот на дипломатски прекин меѓу двете земји.
Одлуката следува откако новиот конзервативен претседател Абелардо де ла Есприела ги обнови дипломатските врски со Израел, кои беа прекинати од неговиот претходник поради несогласувањата околу војната во Појасот Газа.
Колумбиското Министерство за надворешни работи отворањето на амбасадата го оцени како „дипломатска пресвртница“, додека израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар порача дека станува збор за значаен ден за односите меѓу двете земји и за Ерусалим, кој Израел го смета за свој главен град.
Колумбија и Израел дипломатски односи воспоставија во 1957 година, а низ годините развија тесна воено-безбедносна соработка. Колумбиската армија користи дел од вооружувањето произведено во Израел, вклучително и пушки и борбени авиони.
Односите беа прекинати во 2024 година, кога тогашниот претседател Густаво Петро донесе одлука за прекин на дипломатските врски, обвинувајќи го Израел за дејствијата во Појасот Газа. Израел ги отфрли ваквите обвинувања и ја осуди одлуката.
По прекинот, Петро најави отворање колумбиска амбасада во Рамала, на Западниот Брег, но таа дипломатска мисија никогаш не беше реализирана.
Новата влада на Де ла Есприела го постави обновувањето на односите со Израел како еден од приоритетите во надворешната политика. Колумбискиот министер за надворешни работи Омар Була изјави дека амбасадата е симбол на желбата за повторно воспоставување дијалог, доверба и соработка.
Колумбија претходно ја именуваше Тања Гилински Бакал за амбасадорка во Израел, со задача да работи на зајакнување на трговските односи, безбедносната соработка, разузнавачката размена и кибер-безбедноста.
Ерусалим е признат како главен град на Израел од страна на САД во 2017 година, а американската амбасада беше преместена од Тел Авив во Ерусалим во 2018 година.
