Бугарија побара техничка поддршка од Европската Унија и НАТО во истрагата за нападите со дронови врз два товарни брода во Црното Море, што се случија минатата недела. Во нападите едниот брод потона, додека вториот претрпе сериозни оштетувања.
Бугарските власти засега не можат со сигурност да утврдат кој стои зад нападите. Премиерот Румен Радев изјави дека истрагата е во тек и дека сè уште нема конечен одговор дали дроновите биле лансирани од Русија или од Украина.
Еден од нападнатите бродови, „Алфа Ватан“, кој пловел под знамето на Того, потонал само неколку минути по ударот. Според бугарските медиуми, на бродот се наоѓале 12 членови на екипажот, кои сè уште се водат како исчезнати.
Професорот на Воената академија во Софија, Димитар Недјалков, оцени дека за да се предизвикаат толкави оштетувања, дронот најверојатно бил опремен со боева глава потешка од 300 килограми.
Вториот нападнат брод, „Абл“, кој пловел под знамето на Палау и превезувал жито кон Истанбул, се запалил по нападот. Сите 18 членови на екипажот биле успешно евакуирани и спасени, а првичната истрага не пронашла остатоци од дрон на пловилото. Според достапните информации, бродот во меѓувреме ги напуштил бугарските територијални води.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападите претставуваат дел од, како што наведе, обидите на Русија да го направи западниот дел на Црното Море небезбеден за меѓународната пловидба.
Тој додаде дека по контактите со бугарските власти било оценето дека станува збор за комбиниран напад изведен со поморски и воздушни дронови. Од руската страна засега нема официјален коментар за овие обвинувања.
Истрагата продолжува, а Бугарија очекува со помош на европските и сојузничките партнери да се утврдат околностите и одговорноста за нападите, кои предизвикаа сериозна загриженост за безбедноста на пловидбата во Црното Море.
