Вардар 1961 остана без бодови и по третото коло во Лигата на шампиони, откако на домашен терен загуби од Висла Плоцк со 26-32. Македонскиот шампион имаше неколку добри периоди, но тоа не беше доволно против полскиот тим кој одигра одлична одбрана и заслужено стигна до првата победа против „црвено-црните“.
За Вардар ова беше трет пораз во исто толку натпревари, па скопскиот тим останува на последното место во групата без освоен бод. Висла Плоцк, пак, ја запиша првата победа во меѓусебните дуели со македонскиот состав.
Фадуил беше најрасположен кај Вардар и постигна 14 гола од исто толку удари, додека Малус натпреварот го заврши со четири погодоци.
Гостите одлично го започнаа мечот и поведоа со 0-3, а Вардар првиот гол го постигна преку Малус по повеќе од четири минути игра. Висла продолжи во ист ритам и брзо стигна до предност од 2-6, а по тајм-аутот на Иван Чупиќ домашниот тим успеа малку да се приближи.
Со серија од 3-1 Вардар намали на 5-8, но силната одбрана на полскиот тим повторно направи разлика. Висла во средината на првиот дел имаше предност од шест гола (5-11).
Сепак, „црвено-црните“ не се откажаа. Искористија неколку грешки на противникот и со серија од 4-1 намалија на 10-13. Фадуил со два гола ја врати надежта, а Малус во финишот на првото полувреме погоди за 13-15.
Но, стартот на второто полувреме повторно им припадна на гостите. Висла направи серија од 4-1 и поведе со 14-19, а и покрај неколкуте одбрани на Гогов, Вардар не успеа да го искористи моментумот.
Во 40. минута резултатот беше 16-21, а по нови грешки на домашниот состав, Висла ја зголеми предноста. Во 49. минута полскиот тим стигна до највисоки осум гола разлика (19-27).
Вардар во продолжението се обиде да се врати, особено кога имаше двајца играчи повеќе на теренот, но гостите искусно го контролираа натпреварот и не дозволија неизвесна завршница.
