Жителите во близина на минхенскиот аеродром се предупредени на зголемена претпазливост откако во заштитено подрачје во Баварија е забележана голема дива мачка за која се претпоставува дека би можела да биде пума.
Животното било регистрирано во текот на ноќта меѓу вторник и среда во природното подрачје Ноцингермоос, во општината Обердинг, која се наоѓа на неколку километри од аеродромот во Минхен.
„Според првичната стручна проценка, можно е да станува збор за пума“, изјавила портпаролката на окружната управа Ердинг.
Како што пренесува „Билд“, постои фотографија од животното која надлежните ја оценуваат како веродостојна. Се претпоставува дека снимката е направена со камера за набљудување на диви животни, а случајот го пријавил локален ловец.
Засега нема информации од каде би можело да пристигне животното, а властите не располагаат со податоци дека во близина има циркус или друга институција од која би можела да избегала пума.
Поради можноста за присуство на опасен предатор, надлежните ги повикаа граѓаните на претпазливост. На родителите им се препорачува децата да бидат надвор само со придружба на возрасни, додека сопствениците на кучиња треба да ги држат своите миленици на поводник.
Пумите природно се распространети во Северна и Јужна Америка и живеат во различни природни средини. Иако најчесто избегнуваат контакт со луѓето, евентуалната средба со нив може да биде опасна.
