Македонската фудбалска репрезентација претрпе нов пораз во Лигата на нации, откако загуби со 3:0 на гостувањето кај Швајцарија во Луцерн.
Иако домашната селекција не одигра натпревар на своето највисоко ниво и не беше толку агресивна како во претходните дуели, максимално ги искористи грешките на македонските фудбалери и стигна до убедлив триумф.
Првото полувреме донесе охрабрувачка слика за Македонија. Избраниците на Гоце Седлоски добро стоеја на теренот, успеваа да ги ограничат Швајцарците и долго време одржуваа резултат кој оставаше простор за позитивен исход.
Сепак, клучниот момент се случи во финишот на првиот дел. Недоразбирање меѓу Езџан Алиоски и Висар Муслиу во одбраната го искористи Ридер, кој рутински погоди за 1:0. Примениот гол во незгоден момент целосно ја промени сликата на натпреварот.
Во второто полувреме Македонија не успеа да се врати во игра. Нашата репрезентација повторно заврши меч без упатен удар во рамките на голот на противникот, а индивидуалните грешки дополнително ја олеснија работата на Швајцарија.
Во 74. минута лошата проценка на Столе Димитриевски му овозможи на Манзамби да зголеми на 2:0, а седум минути подоцна уште една грешка, овојпат на Гаштаров, ја искористи Ендоје за конечни 3:0.
Поразот е четврти за Македонија во Лигата на нации, додека Швајцарија продолжи со максимален ефект и ја запиша четвртата победа на четвртиот натпревар.
Во останатиот меч од групата, Словенија славеше со 1:2 на гостувањето кај Шкотска.
