Македонската поетеса и писателка Билјана С. Црвенковска ќе биде специјална гостинка на 36. издание на културната манифестација „Денови на македонската поезија во Шведска“, која денеска ќе се одржи во Градската библиотека во Гетеборг.
Настанот традиционално го организира Македонскиот сојуз во Шведска и секоја година претставува место за средба на македонските автори и љубителите на литературата што живеат во оваа скандинавска земја.
Во рамки на програмата ќе настапат дваесетина поети со македонско потекло кои живеат и создаваат во Шведска, како и автори од други националности, меѓу кои и членови на Писателскиот центар во западна Шведска.
Посебен дел од манифестацијата ќе биде посветен на младите, при што ученици со македонско потекло ќе се претстават со рецитали и музички изведби инспирирани од делата на истакнати македонски писатели.
Организаторите истакнуваат дека целта на манифестацијата е да се негува македонскиот јазик, литература и културното наследство меѓу иселениците, но и да се поттикне културната размена со шведската јавност.
