ВМРО-ДПМНЕ побара од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да ги објасни наводите што ги изнел во јавноста за можни злоупотреби поврзани со набавката на хеликоптери и договор вреден милиони евра.
Од владејачката партија велат дека Филипче отворил сомнежи поврзани со поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, како и со договор за кој, според нив, постоела разлика од 37 милиони евра.
„Ова се наводи за сериозни финансиски средства и затоа Филипче има обврска пред граѓаните да одговори“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат од кога Филипче ги поседува информациите, со какви документи располага и кој го потпишал спорниот договор.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека доколку лидерот на СДСМ има сознанија за можни незаконитости, тие треба да бидат доставени до надлежните институции, а не да останат само на ниво на политички обвинувања.
„Ако Филипче навистина располага со информации за сомнежи за криминал, нема простор за селективност или политички пресметки“, велат од партијата.
Од владејачката партија повикаа сите евентуални сомнежи за неправилности да бидат пријавени и проверени од надлежните органи, со цел да се утврди дали постојат основи за понатамошно постапување.
„Граѓаните заслужуваат транспарентност и одговорност за секој сомнителен договор, секој потрошен денар и секоја одлука со која можеби е оштетен јавниот интерес“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
