СДСМ денеска реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оценувајќи дека пораките од Брисел ги потврдиле ставовите на опозицијата.
Од партијата велат дека Мицкоски ја оценил средбата како клучна, но истовремено изразил незадоволство од пораките поврзани со уставните измени.
„Фон дер Лајен кажа јасно: на маса стои промената на Уставот. И нагласи: Европа ве чека со вашиот идентитет и со вашиот јазик“, наведуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, токму прашањата за македонскиот јазик, култура и идентитет биле дел од политичките пораки што Мицкоски претходно ги претставувал како спорни.
Од СДСМ потсетуваат на ставовите од изминатиот период поврзани со Преспанскиот договор, наведувајќи дека сега, според нив, истите аргументи се потврдени и од европски претставници.
„Незадоволен е затоа што му ја одзедоа лагата. Не затоа што некој го чепка македонскиот идентитет“, велат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека европскиот пат на државата останува поврзан со реформите, владеењето на правото и исполнувањето на преземените обврски, а не со нови услови или промена на преговарачката рамка.
СДСМ го обвини премиерот дека повеќе од две години ветувал подобри услови за евроинтеграциите, но дека, според нив, тие не се оствариле.
„Нема повеќе лаги дека тој нешто чува, затоа што претходната влада веќе го зачува“, наведуваат од опозициската партија, додавајќи дека членството во Европската Унија е национален интерес.
Од СДСМ упатија и критики кон Владата, обвинувајќи го Мицкоски дека одговорноста ја префрла на претходниците наместо да ги направи следните чекори во процесот на европска интеграција.
