Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, презела истражни дејствија против македонски државјанин за кој постои сомнение дека е поврзан со странски фактори и пропагандна мрежа активна во земјава.
Според информациите од АНБ, на 18 септември 2026 година бил извршен претрес во домот на лицето, при што биле пронајдени и одземени предмети кои се доставени на дополнително вештачење.
Од Агенцијата наведуваат дека постои основано сомнение за сторени кривични дела поврзани со предизвикување национална, расна и верска омраза, оддавање службена тајна, како и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Според АНБ, станува збор за активности поврзани со пропагандна мрежа која, како што наведуваат, користи клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен, преку кои се пласираат лажни вести, дезинформации и содржини со цел влијание врз јавниот дискурс.
„Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа се кријат преку клонирани псевдо-портали интегрирани во македонскиот медиумски простор“, велат од АНБ, додавајќи дека преку таквите активности се создавале наративи што можеле да ја нарушат довербата во институциите и да поттикнат етничка и национална нетрпеливост.
Од Агенцијата тврдат дека овие активности се поврзани со проруски хибридни активности и мрежи надоврзани на регионални политички структури, со кои, според нив, се врши поткопување на евроинтегративните процеси на државата.
АНБ соопшти дека ќе продолжи со активностите за откривање и спречување на субверзивно-пропагандни дејствија и влијанија од странски фактори.
