СДСМ обвини дека економската политика на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не ги дава очекуваните резултати и оцени дека годинава буџетскиот дефицит ќе надмине 900 милиони евра, односно околу пет проценти од бруто-домашниот производ.
Од партијата, повикувајќи се на податоци од Министерството за финансии, тврдат дека речиси целосно е исцрпен планираниот буџетски дефицит, додека приходите заостануваат зад проекциите, што, според нив, отвора простор за нови задолжувања.
Во соопштението се наведува и дека состојбата во Пензискиот и инвалидскиот фонд (ПИОМ) дополнително ја оптоварува јавната финансиска состојба, при што СДСМ тврди дека недостигот достигнува околу една милијарда евра.
Партијата посочува и дека во вториот квартал од 2026 година биле реализирани само 18 милиони евра странски инвестиции, додека, според нивните пресметки, државниот долг е зголемен за околу четири милијарди евра.
СДСМ ја критикува и најавата за нов ребаланс на Буџетот, само неколку месеци по претходниот, оценувајќи дека тоа ќе значи дополнително задолжување на државата.
Од партијата велат дека граѓаните веќе се соочуваат со повисоки трошоци за живот и намалена куповна моќ, а Владата, според нив, не презема доволно мерки за подобрување на економската состојба.
Во реакцијата се коментираат и владините најави за проекти поврзани со природните ресурси, рударството и енергетиката. Од СДСМ тврдат дека наместо развојни политики, Владата се насочува кон, како што наведуваат, „распродажба на националните богатства“.
„Тоа не е економска стратегија, туку распродажба на Македонија“, се наведува во партиското соопштение.
