По студеното утро, денеска низ Македонија ќе преовладува претежно сончево време со мала до умерена локална облачност и умерен северен ветер.
Според прогнозата, утринските температури ќе бидат значително пониски и ќе се движат од 4 до 12 степени, додека во текот на денот времето ќе биде пријатно, со максимални температури од 16 до 24 степени.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој повремено ќе засилува, особено долж Повардарието.
Во Скопје се очекува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, а температурата ќе се движи од околу 9 степени во утринските часови до 22 степени во текот на денот.
Метеоролозите најавуваат дека стабилното време ќе продолжи и во следните денови, но утрата ќе останат посвежи и ќе потсетуваат дека есента постепено го зема својот замав.
Позначителна промена на временските услови се очекува кон крајот на работната недела, кога на повеќе места во земјава се прогнозираат врнежи од дожд, локално и со пообилен интензитет.
Поради ниските утрински температури, на земјоделците им се препорачува внимателно да ги планираат активностите на отворено и редовно да ги следат временските прогнози во пресрет на промената на времето.
