Скопје на 3 октомври се подготвува за вистинска фудбалска атмосфера, откако се очекува илјадници шкотски навивачи да пристигнат за натпреварот меѓу Македонија и Шкотска во Лигата на нациите. Според најавите, бројот на гостински навивачи би можел да достигне и до 4.000, кои ќе ја исполнат гостинската трибина на Националната арена „Тодор Проески“.
Средбата ќе се игра со почеток од 20:45 часот, во рамки на третото коло од групата Б1, а шкотската „Тартан армија“ повторно најавува масовно гостување, препознатливо по своите килтови, знамиња, песни и одличната атмосфера што ја создава каде и да настапува нивната репрезентација.
Иако конечниот број на билети за гостинскиот сектор сè уште не е официјално потврден, британските медиуми објавија дека Шкотската фудбалска асоцијација обезбедила дополнителен контингент влезници, поради што во Скопје се очекуваат неколку илјади навивачи од Шкотска.
Освен што се познати по гласната поддршка, шкотските навивачи со години градат репутација и како една од најхуманите навивачки групи во Европа. За време на претходните посети на Македонија тие донираа 2.000 фунти за СОС Детското село во Маџари, а дополнителни 5.000 фунти доби и Центарот за деца од улица „Снежана“ во Шуто Оризари.
И овојпат се најавува нов хуманитарен гест, со донација од 5.000 фунти, со што „Тартан армијата“ уште еднаш ќе покаже дека нивното гостување не е поврзано само со фудбалот.
Во пресрет на натпреварот се разгледува и можноста да се организира пријателски натпревар меѓу тим составен од шкотски навивачи и претставници на македонската навивачка група „Фаланга“. Доколку иницијативата се реализира, фудбалската атмосфера во Скопје ќе започне уште пред официјалниот почеток на репрезентативниот дуел.
Македонија настапува во групата Б1 заедно со Шкотска, Швајцарија и Словенија. Пред пресметката со Шкотите, избраниците на селекторот ќе ја пречекаат Швајцарија на домашен терен, а потоа ќе гостуваат кај Словенија. Реваншот против Шкотска е закажан за 13 ноември.
