Шеснаесет лица биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие во координирани полициски акции низ повеќе градови во државата, информира Министерството за внатрешни работи.
При контролите и претресите кај приведените биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. Акциите биле спроведени на подрачјата на Скопје, Берово, Тетово, Охрид, Куманово, Битола и Прилеп.
Најголемата акција била реализирана во беровскиот регион. Во текот на вчерашната вечер околу 22:20 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Пехчево запреле возило „дачиа“ со скопски регистарски ознаки во месноста Суви Лаки.
Со возилото управувал 31-годишниот Г.П. од гостиварското село Пожаране, а во него имало уште четири лица. При контролата полицијата пронашла марихуана, по што сите пет лица биле задржани во полициска станица.
Во Скопје, полициски службеници привеле тројца жители на градот на возраст од 29 до 35 години, кај кои биле пронајдени марихуана и бела прашкаста материја.
Две лица биле приведени и во Тетово, каде при контролите на улиците „Илинденска“ и „29 Ноември“ била пронајдена марихуана. На патниот правец Охрид – Кичево, кај месноста Петља, бил извршен претрес на автомобил „ауди“, при што бил лишен од слобода 43-годишниот Г.Н. од Охрид.
Полициски активности имало и во угостителски објект во Битола, каде при претрес на локал на улицата „Дебарца“ бил приведен 41-годишен битолчанец поради пронајдена прашкаста материја.
Во битолското село Братиндол биле запрени уште две лица, а кај едниот од нив била пронајдена марихуана. Случаи на недозволено поседување дрога биле регистрирани и во Куманово и Прилеп, каде биле приведени 20-годишник од село Сопот и 26-годишник од Кичево.
Од МВР информираат дека сите пронајдени супстанции се предадени на вештачење, а по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
