Соединетите Американски Држави ја гледаат Македонија како еден од своите најважни партнери во регионот, а стратешката соработка меѓу двете земји би можела да резултира со капитални инвестиции во енергетиката и инфраструктурата. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА за време на неговата посета на Вашингтон.
Според него, на средбите со американски претставници биле разгледани повеќе проекти од стратешко значење, меѓу кои хидроенергетските комплекси „Чебрен“ и „Галиште“, изградбата на гасоводот што ќе го поврзе ЛНГ терминалот во Александрополи со Централна Европа, како и проектот за рудникот за антимон во паланечкото село Луке.
Мицкоски посочи дека во американската Финансиска корпорација за развој (ДФЦ), која располага со портфолио вредно околу 200 милијарди долари, веќе биле одржани разговори за можностите за финансирање на дел од овие проекти.
„Разговаравме за потенцијално финансирање на Чебрен и Галиште, како и за други инфраструктурни, енергетски и податочни инвестиции што би ги реализирала Владата, но и за приватни американски инвестиции во Македонија“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека проектот за рудникот за антимон во Луке веќе има поддршка преку грант од пет милиони долари за негов развој, но оцени дека тоа е само почеток на поширока економска соработка меѓу двете земји.
Осврнувајќи се на гасната инфраструктура, Мицкоски рече дека американската страна покажува сериозен интерес за гасоводот кој преку Македонија ќе го поврзе терминалот за течен природен гас во Александрополи со земјите од Централна Европа.
Според него, новиот систем ќе овозможи значително поголем капацитет за транспорт на природен гас, кој од сегашните околу 800 милиони кубни метри ќе се зголеми на неколку милијарди кубни метри годишно. Дополнително, планираниот северен интерконектор со Србија ќе овозможи двонасочен проток на гас и ќе ја зацврсти улогата на Македонија како транзитен енергетски коридор.
Мицкоски очекува двата гасоводни проекта да бидат завршени до крајот на 2028 година, по што, како што рече, геостратешката позиција на Македонија значително ќе се промени.
Тој додаде дека поголемите количини природен гас ќе создадат услови за изградба на нови гасни електрани, развој на современи дата-центри и инвестиции во технологии поврзани со вештачката интелигенција.
„Тоа е сериозен план за идниот развој на Македонија и насоката во која сакаме да се движи државата“, порача премиерот.
