Српскиот претседател Александар Вучиќ се огласи по пресудите што Судот во Хаг им ги изрече на поранешните лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, оценувајќи дека најтешките злосторства врз Србите не биле опфатени со судската одлука.
Вучиќ порача дека зачувувањето на мирот и стабилноста е најважниот приоритет за Србија, но истовремено истакна дека, и по речиси три децении, емоциите околу конфликтите на просторот на поранешна Југославија сè уште се силни.
„Тоа покажува дека е направена голема неправда, но и дека сите заедно не бевме доволно подготвени да се соочиме со сопствените грешки и со злосторствата што беа извршени во наше име“, изјави Вучиќ.
Тој потсети дека станува збор за првостепена пресуда и нагласи дека четворицата обвинети се осудени на вкупно 81 година затвор.
Според него, судот не утврдил дека постоел широко распространет или систематски напад врз цивилното население, поради што обвинетите биле ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото.
Вучиќ посочи дека пресудата се однесува исклучиво на воени злосторства, односно незаконско лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиства.
Тој наведе дека, според пресудата, обвинетите се прогласени за виновни за незаконско лишување од слобода на најмалку 385 лица, сурово постапување кон најмалку 49 лица, мачење на најмалку 303 лица и убиства на најмалку 96 лица.
Истовремено, Вучиќ оцени дека судот не ги опфатил злосторствата извршени врз Србите по 20 јуни 1999 година, бидејќи оценил дека по доаѓањето на КФОР повеќе не постоел вооружен конфликт на Косово.
Тој истакна и дека случајот со наводната трговија со човечки органи, познат како „Жолта куќа“, не бил дел од обвинението поради недостиг на докази.
Според српскиот претседател, судот не ја прогласил ОВК за криминална организација, туку одговорноста ја ограничил на поединци, без да ја оценува легитимноста на организацијата или нејзината цел за создавање независно Косово.
