ВМРО-ДПМНЕ обвини дека правосудниот систем со години применува двојни стандарди и селективно постапува во случаи поврзани со политички функционери и високи профили.
Од партијата велат дека довербата на граѓаните во правосудството е сведена на минимално ниво и дека институциите не обезбедуваат еднаков третман за сите.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во случаи како модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа кај Ласкарци и предметот „Мазут“, правосудните органи не постапиле соодветно, поради што, како што наведуваат, остануваат сомнежи за селективна правда.
Партијата оценува дека постојат структури во судството и обвинителството кои, според нив, обезбедуваат заштита за поранешни функционери на СДСМ и ДУИ, наместо да овозможат независни и ефикасни постапки.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Македонија има потреба од независно, професионално и непристрасно судство, кое ќе постапува еднакво кон сите, без оглед на политичката припадност.
Во соопштението се наведува дека партијата ќе продолжи да се залага за, како што велат, систем во кој нема да има привилегирани и недопирливи и во кој секој ќе сноси одговорност согласно законот.
