Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, поради сомнение за кривичното дело „несовесно работење во службата“. Покрај него, кривични пријави се поднесени и против две службенички од Секторот за урбанизам во Општината, кои се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Од МВР информираат дека Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, во координација со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје поднел кривична пријава против Б.Б. за четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, против С.С.Ѓ. за две исти кривични дела, како и против С.Ј. за „несовесно работење во службата“.
Според полицијата, првопријавената, како раководител на Секторот за урбанизам, и второпријавената, како вработена во истиот сектор, иако знаеле дека изводот од деталниот урбанистички план бил укинат со одлука на Уставниот суд уште во 2018 година и дека постоеле насоки да не се издаваат одобренија за градба за такви планови, сепак издале одобрение за градење на инвеститори.
Во соопштението се наведува дека претходно и двапати биле одбиени барањата за истата локација, но откако тогашниот градоначалник потпишал договори за регулирање на надоместокот за уредување на градежното земјиште, на 23 јули 2025 година било издадено одобрение за градба. Со тоа, според МВР, инвеститорите противправно стекнале право за изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари.
Полицијата наведува и втор случај, во кој службеничките, и покрај тоа што основниот проект бил изработен спротивно на важечкиот урбанистички план, наместо предметот да го вратат на доработка, на 29 октомври 2025 година издале одобрение за градење. Со тоа, според пријавата, овозможиле изградба на објект вреден 13.021.914 денари.
Дополнително, раководителката на Секторот за урбанизам се сомничи дека незаконски издала две решенија за изградба на настрешница. Според МВР, првото решение било донесено на 25 март 2025 година, иако настрешницата не била предвидена со важечкиот урбанистички план и се наоѓала на јавен простор со намена парковско и пејзажно зеленило, а не била доставена ниту целосната документација.
Второто решение било издадено на 30 јули 2025 година, иако за истиот објект претходно веќе била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за негово отстранување. Според полицијата, и во овој случај недостигала целосната документација и не бил извршен надоместокот за уредување на градежното земјиште.
Поднесувањето на кривичната пријава следува кратко откако Врховниот суд ја укина пресудата со која Стевчо Јакимовски беше осуден на три години и шест месеци затвор за бесправно градење и злоупотреба на службената положба и овластувањата.
