Парламентарните избори во Шведска остануваат неизвесни, откако по пребројани околу 80 проценти од гласовите левиот блок има предност од само три пратенички места. Опозицискиот блок предводен од социјалдемократката Магдалена Андерсон засега освојува 176 мандати, додека десниот блок на актуелниот премиер Улф Кристерсон има 173.
Изборната комисија предупреди дека целосните прелиминарни резултати можеби нема да бидат познати пред четврток, а рекордни 3,6 милиони граѓани гласале предвреме. Андерсон порача дека секој глас мора да биде пребројан и дека доколку сегашната предност остане, Шведска ќе добие нова влада.
Кристерсон призна дека прашањето кој ќе управува со земјата останува отворено и најави дека неговиот блок ќе се обиде да обезбеди мнозинство. Разочарување на изборите бележат крајно десните Шведски демократи, кои според досегашните резултати паднаа од второто на третото место по сила во парламентот.
Изборите следуваа по жестока и поларизирана кампања во која меѓу главните теми беа здравството, безбедноста, имиграцијата, економијата и животниот стандард. Без оглед кој блок на крајот ќе освои повеќе мандати, се очекуваат сложени коалициски преговори кои би можеле да траат со недели, па дури и со месеци.
