Системот „Безбеден град“ од вчера почна да функционира на подрачјето на СВР Велес, а за само ден и половина се регистрирани околу 150 сообраќајни прекршоци во Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, денеска го посети модернизираниот команден центар на СВР Велес, од каде се реализираат активностите поврзани со системот.
Според Тошковски, само во текот на вчерашните 24 часа биле констатирани околу 124 прекршоци, а денеска уште 27. Најголемиот дел од казните се за пребрзо возење, додека три до четири се за поминување на црвено светло. Новиот команден центар е сместен во целосно реконструирани простории кои порано ги користело Министерството за одбрана, а потоа 15 до 20 години биле надвор од употреба. Тошковски нагласи дека главната цел на „Безбеден град“ не е полнење на буџетот со казни, туку промена на сообраќајните навики и спасување човечки животи. Како показател за подобрувањето на безбедноста, тој посочи дека заклучно со август годинава во сообраќајни несреќи загинале 61 лице, наспроти 96 во истиот период минатата година. Според него, доколку продолжи ваквиот тренд, бројот на жртви може да биде намален за околу 40 проценти за една година.
Министерот се осврна и на тешката сообраќајна несреќа на патот Миладиновци–Аеродром, во која загинаа две лица, а три беа повредени, од кои две се во животозагрозувачка состојба. Тој порача дека трагичните последици од непочитувањето на сообраќајните правила можат да го погодат секого и повика на поголема одговорност зад воланот. Тошковски им се заблагодари и на медиумите, компаниите, организациите и Фудбалската федерација на Македонија за вклучувањето во кампањите за поголема сообраќајна култура. Според него, намалувањето на бројот на несреќи и жртви покажува дека системот и промената во однесувањето на возачите веќе даваат резултати.
МВР очекува со натамошното функционирање на „Безбеден град“ дополнително да се зголеми почитувањето на сообраќајните правила. Крајната цел, порача Тошковски, е Македонија да стане побезбедна држава за сите учесници во сообраќајот.
