На граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според најновите информации, интензитетот на сообраќајот на државните патишта надвор од урбаните средини е зголемен, додека сообраќајот се одвива непречено по претежно влажни коловози.
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците каде постои опасност од појава на одрони.
Најголема претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е повторно отворен за сообраќај за сите возила со маса до 3,5 тони.
На автопатот Кичево – Охрид и понатаму се изведуваат градежни работи на повеќе делници, поради што сообраќајот се одвива по временски девијации. Од АМСМ апелираат возачите строго да ја почитуваат поставената сигнализација и да возат со намалена брзина.
Воедно, објавен е и распоредот за движење низ ловиштето Јасен:
Скопје – Македонски Брод:
07:30 – 09:00 часот
12:00 – 12:45 часот
16:00 – 18:00 часот
Македонски Брод – Скопје:
06:00 – 07:00 часот
10:30 – 11:00 часот
13:00 – 13:45 часот
18:30 – 20:00 часот
