По периодот на високи температури, денеска конечно следува разладување со дожд, засилен ветер и значителен пад на дневната температура. Времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи, кои локално ќе бидат поројни и пообилни, над 15 литри на квадратен метар, проследени со грмежи.
Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе достигнува брзина над 40 километри на час.
Температурите низ земјава ќе се движат од 12 до 19 степени наутро и од 27 до 33 степени во текот на денот.
Позначително освежување се очекува во Скопје, каде максималната температура ќе достигне само 26 степени, а во делови од котлината се очекува и невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
По денешната промена следува претежно сончев период со мала до умерена облачност, додека во вторник и четврток повторно ќе има услови за локален дожд.
