Три пожари на отворен простор сè уште се активни, четири се под контрола, а 24 се целосно изгаснати од вкупно 31 регистриран во Македонија во изминатото деноноќие, информира Центарот за управување со кризи.
Активен е пожарот во реонот на струшките села Буринец, Локов, Селце и Елевци, каде е зафатена нискостеблеста шума.
Во Македонски Брод сè уште гори кај селото Белица, на месноста Кајорец, каде огнот зафатил нискостеблеста и мешана шума.
Третиот активен пожар е кај селото Брест, на месноста Рамно во општина Чучер-Сандево, каде гори мешана шума.
Под контрола се пожарите во Бенче во Македонски Брод, Тајмиште во Кичево, Грачани во Ѓорче Петров и на градската депонија во Делчево.
Во Скопје во текот на деноноќието биле регистрирани и изгаснати пожари кај Бардовци, на булеварот „Илинденска“, на Љуботенски пат, како и во Копаница и Паничари во Сарај.
Според ЦУК, меѓу 24-те изгаснати пожари низ земјата имало огништа на ниска вегетација, шума, стрништа, грмушки, депонии и отпад.
