Политичката партија Левица обвини за, како што велат, партизација на Државната второстепена комисија, институција која треба да функционира како независно тело.
Од партијата информираат дека до нив пристигнале информации од свиркачи за наводни сериозни незаконитости во работењето на Комисијата, партиски влијанија и ургенции при одлучувањето по значајни предмети поврзани со работни, управни и инспекциски спорови.
Според Левица, претседателот на Комисијата, Илче Мушаревски, е долгогодишен партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ и бил поставен под влијание на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски. Од партијата тврдат дека Мушаревски во минатото бил член на Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и работел во Државниот завод за ревизија.
Левица обвинува дека и останатите членови на Комисијата имаат директни или индиректни врски со владејачката партија.
Како примери ги посочуваат Тања Дедејска, за која велат дека била советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Струмица, Маја Бичиклиска, сопруга на поранешниот портпарол на партијата Александар Бичиклиски, Ирена Брзанова, која според нив претходно била претседател на ова тело и член на Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, како и адвокатката Симона Лескароска, која ја опишуваат како долгогодишен активист на партијата.
Во составот на Комисијата, според Левица, се наоѓа и Вера Димитриева, која претходно работела во Кабинетот на премиерот за време на владеењето на Никола Груевски.
Од Левица оценуваат дека ваквиот состав создава сомнеж во независноста на институцијата и тврдат дека наместо независно второстепено тело, граѓаните добиле, како што велат, „партиски конгломерат“.
Партијата најавува дека во наредните денови ќе објави дополнителни наводи за, како што тврди, партизацијата и незаконското работење на Комисијата.
