Две нови изведби на мјузиклот „Као Какао“ се закажани за 10 и 11 септември од 20 часот во МНТ, со што започнува неговата прва целосна театарска сезона. Интересот за претставите е голем и двете изведби се пред распродавање, по успешната премиера во јуни и летните фестивалски гостувања.
„Као Какао“ летово настапи на Битолското културно лето, го затвори фестивалот „Охридско лето“ и гостуваше на „Град театар Будва“ во Црна Гора. Заедно со јунските претстави, мјузиклот досега го виделе околу 6.000 гледачи во Македонија и Црна Гора.
Станува збор за оригинален македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски, во кој неговите композиции добиваат нов сценски живот преку драмска приказна создадена за театар. Текстот и драматургијата се на Венко Андоновски, режијата на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Голема актерска екипа и музичари во живо се дел од продукцијата која ги спојува драмскиот театар, музиката, танцот и сценскиот спектакл. По септемвриските изведби во МНТ се очекува да бидат објавени и новите термини за „Као Какао“ до крајот на годината.
