Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на буџетот со кој се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, поддршка на граѓаните и сервисирање на дел од финансиските обврски на Градот и јавните претпријатија.
Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, основниот буџет е зголемен за 61,76 милиони денари и сега изнесува 5.324.649.755 денари.
Меѓу најзначајните инвестиции е проектот за изградба на мост и нова сообраќајница што ќе ги поврзува општините Ѓорче Петров и Сарај. За реализација на овој проект се предвидени 420 милиони денари, а целта е да се обезбеди нов влез во главниот град и подобра сообраќајна поврзаност.
Со ребалансот се издвојуваат и 61 милион денари за проектите поврзани со „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и дополнителни средства за поддршка на онколошките пациенти.
Предвидени се и 25 милиони денари за реконструкција на локални улици низ скопските општини, 10 милиони денари за расчистување на диви депонии, како и средства за набавка на урбана опрема, информатичка опрема, опремување на училишни кабинети, изградба на детски игралишта и фитнес-зони. Во буџетот се вклучени и средства за организирање ски-викенд за средношколците.
Ѓорѓиевски истакна дека, покрај инвестициите, продолжува и намалувањето на финансиските обврски. Според податоците што ги презентираше, заклучно со 27 август, обврските на Град Скопје, јавните претпријатија, културните установи и средните училишта се намалени за вкупно 60,2 милиони евра.
Најголемо намалување е регистрирано во ЈП „Водовод и канализација“, каде обврските се намалени за 1,66 милијарди денари. Во ЈСП „Скопје“ тие се намалени за 634,9 милиони денари, а во ЈП „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари.
Според градоначалникот, дел од градските културни установи веќе целосно ги подмириле своите обврски, додека останатите бележат значително намалување на долговите.
Како показател за динамиката на реализацијата на проектите, Ѓорѓиевски посочи дека капиталната реализација во вториот квартал достигнала 706,3 милиони денари, што, според него, е повеќе од вкупната капитална реализација во првите три квартали од почетните години на мандатите на неговите претходници Петре Шилегов и Данела Арсовска заедно.
Од Град Скопје најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат инвестициите во инфраструктурата и јавните услуги, паралелно со намалувањето на наследените обврски, без нови задолжувања.
