Со доделување на наградите во Куршумли Ан заврши 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој од 20 до 27 август се одржуваше под мотото „Само сонот е стварност“. Извршниот директор Дарко Набаков оцени дека ова било едно од најуспешните фестивалски изданија досега, при што седум од осумте вечери биле со распродадени билети за проекциите.
Главната награда „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм ја освои „Тристан засекогаш“ на Тобијас Ноле и Лоран Бонардо. Наградата за филм со најдобри етички идеи му припадна на „Од црвени фенери до рефлектори“ на Бипулџит Басу, додека посебно признание во оваа категорија доби „Земјата Кикују“ на Беа Вангондју и Ендру Браун. „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори“ го доби „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим, а посебно признание му беше доделено на „Имаго“ на Дени Умар Пицаев.
Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм ја освои „Роење птици“ на Ксавиер Марадес. Во категоријата краток документарен филм посебно признание доби „Отворено поле“ на Тебохо Едкинс за начинот на кој ги обработува личната загуба и болка. Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм му припадна на „Здраво ново тело, како си денес?“ на Лаура Канси.
За наградите одлучуваа пет комисии составени од вкупно 15 домашни и странски филмски автори, продуценти и критичари, а статуетките за победниците ги изработи уметникот Глигор Кузмановски. Завршната вечер беше посветена на Влатко Милев – Циги, љубител на документарниот филм и пријател на „МакеДокс“. Фестивалот заврши со проекциите на „Слет 1988“ на Марта Попивода и „Југо оди во Америка“ на Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, а музичкиот дел беше заокружен со концерт на групата „Алембик“.
