Еден од највпечатливите македонски филмови во поновата кинематографија – „Џган“, вечерва ќе ја одбележи десетгодишнината од светската премиера со специјална проекција во рамки на „Rooftop Open Air Cinema“ во Скопје Сити Мол.
По проекцијата ќе следува интерактивен разговор со филмската екипа и публиката, а потоа и дружење во чест на јубилејот.
Филмот, по сценарио и режија на Вардан Тозија, својата светска премиера ја имаше на престижниот Chicago International Film Festival и со текот на годините прерасна во едно од најзначајните домашни филмски остварувања.
„Џган настана како крик на очај и гнев… Прекрасно е чувството повторно да се види филмот на големо платно и заедно да ја одбележиме неговата десетгодишнина“, вели режисерот Вардан Тозија.
Продуцентот Огнен Антов истакнува дека филмот и по десет години останува актуелен.
„Кога денес го гледам ‘Џган’, не гледам филм од пред десет години, туку приказна која не застарела во ниту еден кадар. Најголемата награда е кога млад филмаџија ќе каже дека токму овој филм му бил инспирација“, вели Антов.
„Џган“ ја следи приказната за тивко момче кое, по сурови животни околности, станува водач на група штитеници од Дом за деца без родители, тргнувајќи во сурова одмазда против светот што ги оттурнал на маргините.
Во филмот настапуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула, Никола Ристановски, Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Ристо Буразденов, Мартин Живковски и други.
Филмот е во продукција на „Дрим Фектори“, во копродукција со „Red Helicopter Films“ од Албанија, а е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм.
