Фестивалот „Охридско лето“ денеска одбележува 66 години од своето постоење со промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ и свечен концерт во црквата „Света Софија“. Монографијата, чии автори се Снежана Анастасова Чадиковска и Александар Трајковски, е посветена на 100-годишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, која на 4 август 1961 година го означи почетокот на фестивалот со својот солистички рецитал.
Промоцијата ќе започне во 19 часот, токму на местото каде што започнала фестивалската традиција. Роденденската програма ќе продолжи со концерт на израелскиот машки сопран, односно контратенор, Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемек Виницки, со почеток во 21 часот. Лихт важи за еден од највпечатливите млади оперски уметници на денешницата и добитник е на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел за 2025 година. Полскиот пијанист Виницки зад себе има бројни меѓународни признанија и настапи во престижни концертни сали низ Европа и светот.
Со денешната програма, „Охридско лето“ продолжува да ја негува својата долгогодишна традиција како еден од најзначајните фестивали на класична музика и сценска уметност во регионот.
