Трагичен случај во Грција повторно ја актуализира опасноста од тешките алергиски реакции по убод од оса. На островот Евија почина 21-годишна девојка, откако по убодот развила сериозна реакција на отровот.
Иако кај најголем дел од луѓето убодот од оса предизвикува само болка, црвенило и оток на местото на убодот, кај лицата алергични на отровот може да дојде до анафилактичен шок – животозагрозувачка состојба која бара итна медицинска интервенција.
Лекарите предупредуваат дека првите минути по убодот се од исклучителна важност. Доколку симптомите почнат да се шират надвор од местото на убодот, неопходно е веднаш да се побара медицинска помош.
Меѓу најопасните симптоми се отежнато дишење, чувство на задушување, отекување на усните, јазикот или грлото, засипнатост, осип по телото, вртоглавица, губење на свест, забрзан пулс, гадење и повраќање.
Овие реакции може да се појават за само неколку минути и брзо да напредуваат. Лицата кои знаат дека се алергични треба веднаш да повикаат Итна медицинска помош и да употребат авто-инјектор со адреналин доколку го имаат на располагање.
Експертите советуваат лицето кое има проблеми со дишењето да остане во положба што му овозможува полесно дишење, наместо да биде принудувано да лежи. Доколку дојде до губење на свеста, треба да се постави на грб со благо подигнати нозе, освен ако тоа дополнително не го влошува дишењето.
Во случај на престанок на дишењето или срцевата работа, неопходно е веднаш да се започне со реанимација сè до пристигнувањето на медицинските екипи.
Лекарите потсетуваат дека иако повеќето убоди од оси не претставуваат сериозна опасност, кај алергичните лица секој убод може да биде закана по животот, поради што навремената реакција е од клучно значење.
