Соединетите Американски Држави наредија отстранување на производите на кинеската платформа за вештачка интелигенција DeepSeek од информатичките системи на федералните цивилни агенции, поради загриженост за можни ризици поврзани со чувствителни податоци и националната безбедност.
Одлуката, донесена од американското Министерство за внатрешна безбедност, предвидува и ограничување на набавката на производи и услуги поврзани со технологијата на DeepSeek во рамките на федералните институции.
Мерката не претставува целосна забрана за користење на платформата од страна на граѓаните, туку се однесува на владините цивилни системи и службената употреба на оваа технологија.
Ограничувањата опфаќаат и одредени решенија од трети страни кои се развиени со користење на технологијата на DeepSeek. Со тоа, забраната не се однесува само на директниот пристап до платформата, туку и на други производи во кои е вградена нејзината технологија.
Американските власти како главен ризик ја посочуваат можноста чувствителни информации да бидат пренесени надвор од системите на федералните институции. Станува збор за податоци како службени документи, внатрешна комуникација и други информации поврзани со работата на државните органи.
Вашингтон во последниот период засилено ги разгледува безбедносните последици од користењето на технологии развиени од странски компании, особено кога станува збор за системи базирани на вештачка интелигенција.
