Македонија во следните неколку недели ќе добие пет нови авиолинии од аеродромите во Скопје и Охрид, со што дополнително ќе се прошири мрежата на воздушни врски со повеќе европски дестинации, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој истакна дека земјата се наоѓа меѓу ретките во Европа која воведува нови авиолинии во период кога глобалната авиоиндустрија се соочува со сериозни предизвици и нестабилности.
Една од новите линии ќе биде воспоставена меѓу Виена и Охрид, а летовите ќе ги реализира австриската авиокомпанија „Австријан ерлајнс“. Според најавите, оваа линија ќе овозможи подобра поврзаност на Охрид со бројни европски и прекуокеански дестинации преку австриската престолнина.
Дополнително, „Виз ер“ ќе воведе уште две нови линии кон Охрид од полските градови Краков и Вроцлав. Очекувањата се дека овие летови ќе придонесат за зголемен број туристи од Полска и за дополнителна промоција на Охрид како туристичка дестинација.
Нови дестинации ќе добие и Меѓународниот аеродром Скопје, од каде ќе се воспостават директни летови до Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Летовите ќе бидат достапни и надвор од летната сезона, што дополнително ја зголемува поврзаноста на земјата.
Николоски нагласи дека Македонија има значајна улога и во регионалниот воздушен сообраќај преку снабдувањето со авионско гориво. Тој посочи дека скопскиот аеродром целосно го снабдува аеродромот во Приштина со керозин, а делумно и аеродромот во Ниш, што според него претставува доказ за добрата инфраструктура и логистичките капацитети на државата.
