Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по повод Меѓународниот ден на семејството информираше за мерките и проектите што општината ги спроведува за подобрување на условите за живот на граѓаните, со посебен акцент на младите семејства, децата и повозрасните лица.
Од Општина Центар истакнуваат дека и понатаму остануваат посветени на зајакнување на социјалната сигурност и поддршка на граѓаните преку конкретни мерки и финансиска помош.
Особено внимание се посветува на младите семејства, а годинава финансиската поддршка за новороденче е зголемена од 7.000 на 10.000 денари.
За оваа мерка, во буџетот за 2026 година се предвидени околу 4 милиони денари, додека од почетокот на годината досега се исплатени 696.681 денар.
„Семејството е темел на нашето општество и затоа континуирано вложуваме во мерки што директно им помагаат на граѓаните и им го олеснуваат секојдневието. Ги повикувам сите семејства со новороденчиња да ја искористат оваа поддршка“, изјави Герасимовски.
Тој најави и изградба на нова градинка во близина на Клиничкиот центар, проект со кој треба да се одговори на потребите на семејствата од тој дел на Општина Центар и да се обезбедат подобри услови за згрижување на децата.
Општината продолжува и со мерки за поддршка на пензионерите, при што еднократната финансиска помош е зголемена на 5.000 денари.
Од локалната самоуправа велат дека и во наредниот период ќе продолжат со активности насочени кон подобрување на квалитетот на живот, социјалната заштита и поддршката на сите категории граѓани.
