Со зголемувањето на бројот на велосипеди и електрични тротинети во сообраќајот, надлежните институции започнуваат нови кампањи насочени кон поголема безбедност на овие учесници на патиштата.
Кампањите „Безбедно на велосипед“ и „Безбедно на електричен тротинет“ ги реализира Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел да се подигне свеста за почитување на сообраќајните правила и меѓусебната толеранција меѓу сите учесници во сообраќајот.
Од Советот посочуваат дека користењето велосипеди и електрични тротинети носи бројни придобивки, особено во урбаните средини, но истовремено отвора и нови безбедносни предизвици. Кампањите ќе опфатат едукативни активности, видео содржини и теренски настани, во соработка со институции, локални самоуправи, училишта и граѓански организации.
Посебен акцент ќе биде ставен на користењето заштитна опрема, почитувањето на сообраќајните правила и внимателното движење во сообраќајот. Воедно, апел е упатен и до возачите на автомобили да бидат повнимателни кон велосипедистите и корисниците на електрични тротинети.
