Италија и Германија застанаа зад Шпанија по медиумските извештаи за можни американски закани за суспензија на Мадрид од НАТО поради несогласувањата околу војната против Иран.
– Мислам дека НАТО мора да остане обединет. Тоа е нашата сила – изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони во Никозија, каде што учествува на самит на ЕУ, одговарајќи на новинарско прашање за овие информации.
Медиумите пренесоа извештај на Ројтерс, кој се повикува на интерен електронски документ на Пентагон, во кој суспензијата на Шпанија од Алијансата се наведува како една од опциите што се разгледуваат.
Поддршка за Шпанија изрази и Германија.
Портпарол на германската влада изјави дека членството на Шпанија во НАТО не е доведено во прашање.
– Шпанија е членка на НАТО и не гледам причина тоа да се промени – рече портпаролот на редовната прес-конференција во Берлин.
Владата на шпанскиот премиер Педро Санчез се противи на војната што САД и Израел ја водат против Иран од крајот на февруари. Таквиот став не е по волја на американскиот претседател Доналд Трамп, кој му забележува на Мадрид што одби да дозволи користење на американските воени бази во Андалузија за воздушни напади врз Иран, дури и заканувајќи се со „прекин на секоја трговија“ меѓу двете земји.
Според Ројтерс, САД размислуваат за суспензија на учеството на Шпанија на одговорни позиции во рамките на Алијансата. Сепак, ниту еден член од основачкиот договор на НАТО од 1949 година не предвидува суспензија или исклучување на членка од Северноатлантската алијанса.

