На денешното рочиште во Kривичниот суд Скопје против Стојанче Јовановски, сведоци изнесоа детали за семејното насилство што го претрпела жртвата Ивана Јовановска и нејзината ќерка Катја.
Наставничката на Катја од „Јохан Хајнрих Песталоци“ сведочеше дека училиштето било информирано од страна на бабата на девојчето за насилството во семејството од страна на таткото, за што бил известен и училишниот психолог и било следено однесувањето на детето. На денот на трагедијата, наместо бабата, по детето дошла Ивана.
Соседи посочија дека подолг период се слушале расправии и викање од станот, а една сосетка изјави дека пријавувала во полиција, но наместо реакција добила закана за лажно пријавување. Детето, според исказите, тропало по врати барајќи помош.
Во судница беше посочено дека за случајот знаеле и МВР и Центарот за социјални работи, но не реагирале на повиците за помош од мајката.
Сведочеше и братот на Ивана, Александар Стојановски кој ги разјасни сите дилеми околу наследството по смртта на нивниот татко.
Вчера сведочеше Мартин Саздов за последните мигови од животот на Ивана и Катја дека тој и Стојанче седеле пред зградата кога Ивана се јавила со вклучена камера моменти пред фаталниот скок во смрт.
