Издавачката куќа „Збор“ од Велес деновиве ја објави новата книга „Клучниот код на молкот“ од писателката Емилија Златкова Анастасова. Ова е нејзино 12-то книжевно издание.
Авторката информира дека станува збор за петто продолжение од серијалот со детективката Силвија и свештеникот Михаил. Иако ликовите се истите, книгата претставува засебна приказна и не е директно поврзана со претходните четири дела од серијалот.
Во сите пет книги централна тема се исчезнати и киднапирани деца, чија потрага ја води детективката Силвија. Во најновото издание, приказната добива специфична драматуршка поставеност.
„Книгата започнува со исчезнување на девојче кое мајката го бара, но кога девојчето повторно се појавува, мајката исчезнува. Станува збор за размена како слика во огледало“, појаснува авторката.
Покрај криминалистичката линија, делото отвора и актуелна тема – напредокот на технологијата и вештачката интелигенција.
„Преку оваа книга се поставува прашањето до каде ќе оди вештачката интелигенција и колку таа е добра или лоша за нас. Сакам да поттикнам размислување за тоа каде нè води технологијата и колкаво влијание има врз нашите животи“, вели Златкова Анастасова.
Ова е прва книга на авторката поддржана од Министерството за култура и туризам.
Корицата ја изработи Христијан Анастасов.
Емилија Златкова Анастасова досега ги има објавено делата: „Волшебното синџирче“, „Нов ден, нова песна“ (поезија), „Поглед кон невидливото“, „Близнаци“, „Детето во снегот“, „Неверство“, „Каде е Емили?“, „Новогодишна ноќ“, „Невообичаен Велигден“, „Одмазда“, „2248“ и најновата „Клучниот код на молкот“.
