Загадувањето на воздухот во Скопје и понатаму е главна тема меѓу граѓаните. Тие се прашуваат дали институциите доволно прават за посериозно решавање на овој голем проблем што трае со години.
Незадоволството граѓаните го искажуваат често, а последен пат тоа го направија синоќа на крстосницата кај цементарницата Усје. Под водство на иницијативата „Стоп за Усје”, тие побараа независен мониторинг и мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 година, конечно да започне со континуирано мерење и јавно прикажување на податоците во реално време.
Остана прашањето кога овие барања ќе се реализираат, за конечно да се затвори ова горко прашање.
Од друга страна, од Усје повторуваат дека работат согласно еколошките дозволи и дека цементарницата не е извор на загадувањето.
И така – се се врти во круг, а загадувањето на воздухот е пречесто и што е уште позагрижувачко премногу големо. Надлежните институции се на потег – треба конечно да разјаснат од каде доаѓа отровниот воздух. Има ли и други спорни објекти кои можеби загадуваат, се прават ли доволно инспекциски надзори кои ќе дадат одговор на дилемите и големиот проблем?
Предолго се оставаат работите недоречени и се чека ветерот да ги реши.
