Скопското обвинителство потврди дека повело постапка против пет лица за злоупотреба на службена положба и овластување. Во акцијата се опфатени раководители во Агенцијата за стоковни резерви, вешто лице од Бирото за процена, како и поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тие се сомничат дека направиле злоупотреби со државни резерви на жито со што го оштетиле државниот буџет за 780.000 евра.
Тие ја злоупотребиле својата функција со неизвршување на службените обврски. Иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба во Јавното претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ – Скопје, тие доставиле неточни податоци и информации за неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во периодот 2019–2021 година. Со ова дејствие постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви.
Еден од осомничените, надворешен соработник и вешто лице ангажирано преку Бирото за процена, постапил спротивно на Законот за процена и на договорот за услуга со Бирото за судски вештачења. Тој изготвил вешт наод со невистинити податоци, без да ги земе предвид сите информации и документација од Агенцијата за стоковни резерви и ЈП „Агро берза“. Овој наод бил приложен кон информацијата до Владата и прифатен, по што Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен.
Бидејќи станува збор за дело што се гони во скратена постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и редовно јавување во суд за сите осомничени.
Претходно објавивме дека полицијата денес ги приведе Реси Абдурхами, поранешен директор на Агенцијата за стокови резерви и двајца раководители во истата агенција Ниметула Рамадани и Тони Кантурски, поранешниот заменик министер Трајан Димковски, како е вештото лице Миле Пешевски.
