Рударството и металургијата со години се меѓу индустриските гранки што обезбедуваат значаен дел од извозот на Македонија. Често во сенка на други економски теми, статистиката покажува дека рударските компании имаат значајно влијание во формирањето на економската кондиција на Македонија.
Мал удел во БДП, силно присуство во индустријата
Влијанието е врз главните економски параметри – индустриското производство, девизниот прилив и трговскиот биланс, и се разбира бруто домашниот производ (БДП). Податоците упатуваат дека учеството на рударството е релативно мало, ако се спореди со високо развиените индустриски земји каде учеството во вкупната економија е далеку поголемо, но има стабилно учество во БДП. Многу поважно е влијанието врз индустриското производство, каде околу една десетина е благодарение на рударството. Односно, ако рударската индустрија учествува со околу 2% во вкупниот бруто домашен производ, учествува со приближно 11% во вкупното индустриско производство.
Рударството како извозен столб и извор на суфицит
Рударството е една од ретките индустриски гранки што традиционално бележат суфицит во трговската размена, кој во најдобрите години надминуваше 200 милиони долари, од кои над три четвртини се однесуваат на извоз на метални руди.
Во оваа структура, металите и рудите се појавуваат и како суровина и како готови производи. Во 2024 година, на пример, само извозот на железо и челик достигнал околу 385 милиони евра, иако во однос на претходната година е забележан пад поради пониски цени и намалени количини. Таквите движења потсетуваат дека рударството и металургијата се силно зависни од глобалните цени и побарувачката, но и дека остануваат значајни компоненти во вкупниот извозен „микс“ на државата.
Домашното рударство е циклично и чувствително на глобалните услови, но во просек обезбедува стабилен суфицит во трговската размена и значаен дел од извозот на суровини и полуфабрикати.
Од податоците на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) се забележува дека во 2020 дури 30,7% од вкупните директни инвестиции во земјата биле во рударскиот сектор.
Според најновите структурно-деловни статистики на Државниот завод за статистика, во 2024 година во секторот „Рударство и вадење камен“ работат 196 пазарно ориентирани претпријатија со вкупно околу 3 800 вработени, додека Анкетата за работна сила за 2023 година покажува околу 4 400 вработени лица во рударството. Но, според МЕРМС, во секојдневието преку ангажирање на мали бизниси, рударството креира работен ангажман за над 8000 вработени.
Покрај тоа, за државниот буџет директна корист се и придонесите од платите, кои во просек се движат над 50.000 денари, како и концесискиот надомест кој го плаќаат рудниците на име на простор и експлоатирана суровина.
Нова стратегија: развој, животна средина и јавен интерес
МЕРМС го финализира и процесот за националната Стратегија за минерални суровини 2025–2045, чија цел е да се утврди долгорочна политика која ќе обезбеди балансирање меѓу економскиот развој, заштитата на животната средина и јавниот интерес, модернизација на традиционалните капацитети и построга контрола на концесионерите. Ова значи дека рударството се третира како стратешки сектор, но со услов за усогласување со повисоки еколошки и управувачки стандарди.
Целиот текст со клик ТУКА.
