Собраниската Комисија за финансирање и буџет, попладнево, по три дена расправа, го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година. Расправата по поднесените над 200 амандмани ќе продолжи утре, по завршување на закажаната пленарна седница, најави потпретседателката на Комисијата Јованка Тренчевска.
Пратениците од владејачкото мнозинство и во попладневниот дел од расправата изнесоа ставови дека предложениот буџет е реален и развоен со индикатори базирани на подобрување на економскиот раст и силна реализација на проектите и приходите. Со реализација на предложениот буџет, според нив, ќе се реализираат потреби и барања на граѓаните бидејќи се обезбедуваат повеќе средства за повисоки плати, пензии, нови училишта, градинки, развивање на инфраструктурата, дигитализацијата, капиталните инвестиции. Наспроти нив, опозициските пратеници сметаат дека предложениот буџет е нереален, неразвоен и социјален и нема да го подобри стандардот на граѓаните и услугите од државата. Критикуваа и дека ќе се зголеми јавниот долг и оти се намалени капиталните инвестиции.
„Предлог буџетот е реален со силно изразена развојна компонента, ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој, со непотребни трошоци сведени на нула. Сведоци сме на мерки и активности кои веќе покажаа резултати,“ рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Тој дополни дека Фискалниот совет за Предлог-буџет првпат укажал дека има први знаци и чекори на фискална консолидација, како и дека и Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги ревидираа на повисоко процентите за раст.
Фатмир Битиќи од СДСМ во реплика го праша Јаревски за какви развојни проекти зборува кога, како што рече, во Извештајот на Европската комисија било укажано дека капиталните расходи се 46 проценти во средина на ноември.
„Тагувам кога ќе видам ваков буџет и кога 7 проценти раст на платите го кажувате како револуционерно, а е поради усогласувањето со минималната плата,“ рече Битиќи.
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски смета дека предложениот буџет не е фискално одржлив и развоен и оти не обезбедува соодветна фискална консолидација.
„Ова е потрошувачки и социјален буџет за купување социјален мир бидејќи 91 проценти од расходите се за трошоци што не генерираат раст. Социјален е, а не развоен, затоа што социјалните трансфери и субвенции надминуваат 130 милијарди денари, за 30 проценти повеќе од сите расходи, што ја открива политиката на одржување статус кво,“ рече Ковачевски.
Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи рече дека Ковачевски бил директен креатор на Буџетот како заменик министер за финансии и премиер во периодот од 2020 до 2024 година и оти во тој период имало зголемување на јавниот долг.
Реплицираше и Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во прилог на состојбите во економијата ја изнесе есенската економска прогноза за 2025 година на Европската комисија, каде меѓу, другото е наведено дека бруто инвестиции ќе бидат главен поттикнувач на растот, како и дека јавните работи на кородорите почнале во 2025, но и дека приватните ивестиции имаат корист од подобрувањето на амбиентот и кредитирањето од Унгарија и кредитните линии од ЕИБ.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
