Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања за реформите во правосудството, изјави дека не може да се согласи на зголемување на плати на лица, за кои како што рече, немаат никаков рејтинг.
-Реформите во судството се за зголемување на платите. Промената на шесте закони, главната реформа е да се зголемат платите. Следната година ние треба да вратиме 2 милијарди евра, некој што го направил претходно, и што не задолжил сите нас и нашите неродени деца. Во буџет од 6,5 милијарди, ние треба да враќаме 2 милијарди долгови, од некој кој душмански ја задолжувал државата. Ја повикувам јавноста нека каже, дали треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите? Еве, јас ќе ја донирам мојата плата, ама барем нека судат согласно закон. Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување плати на лица кои немаат никаков рејтинг. И, ако е тоа клучната реформа која треба да се направи, простете, но јас нема да ја направам, рече Мицкоски.
На прашањето за смената на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, премиерот кусо одговори „почекајте, ќе видите“.
-И не можеме ние да одвоиме повеќе пари од буџетот за независно финансирање на Обвинителството и судовите, од да речеме најразвиените земји во ЕУ. Тоа не можеме да го направиме. Така што, ова се реформите. Сакам јавноста да знае реформите се за повисоки плати, не се реформите за некој суштински измени не знам какви. Такви има во Кривичниот законик, и тоа го правиме под притисок на одлуката на Уставниот суд. И тоа ќе го направиме до Нова година ќе влезат во Парламент тие измени, за да не се случи да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци коишто се во затвор да излезат, рече Мицкоски.
