Техничкиот премиер на Косово, Албин Курти, изрази подготвеност да соработува со Соединетите Американски Држави, по предлогот на претседателот Доналд Трамп, Приштина да прифати имигранти депортирани од САД, наведуваат локалните медиуми.
Курти, одговарајќи на прашање на локалните медиуми, изрази подготвеност да се зафати со ова прашање, во согласност со наведените услови.
Во одговорот беше наведено дека до 50 лица би можеле да бидат преселени во Косово за период од една година, со цел да им се олесни безбедното враќање во земјите на потекло.
-Како одговор на барањето на Соединетите Американски Држави за прифаќање и привремено преселување на државјани од трети земји, изразивме подготвеност да соработуваме со САД во решавањето на ова прашање, во согласност со утврдените услови. Во период од една година може привремено да бидат преселени до педесет лица, со цел да им се овозможи безбедно враќање, со можност за избор на поединци од предложената листа, под услов да исполнуваат одредени критериуми во поглед на владеењето на правото и јавниот ред, се наведува во одговорот на Владата, со дополнување дека дополнителни информации ќе бидат дадени во меѓувреме.
Курти повтори дека САД остануваат непоколеблив сојузник на Косово.
-Нашето заедничко партнерство, изградено со децении, се заснова врз исти вредности и соработка. Многу ја цениме нивната поддршка, особено на нашиот пат кон интеграција во евроатлантските институции, се наведува во одговорот.
