Група дрвокрадци со директен судир го оштетија службениот „Дастер“ на Шумската полициска станица во Прилеп – соопшти вечерва на социјалните мрежи заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов.
Тој напиша дека, кога јавно зборува за тоа како сторителите не избираат средства за бегство, дел од граѓаните во коментарите знаат да се потсмеваат.
Според него, најжално е тоа што истите тие луѓе секојдневно ја уништуваат природата во Прилепскиот регион, иако безброј пати досега биле фатени.
Михаилов апелира до судот и обвинителството да преземат построги мерки, пред да се случи сериозен инцидент во кој некој од вработените ќе биде повреден или, не дај Боже, ќе загине.
И покрај сè, нагласува дека нема отстапување од борбата против шумската мафија и дека одговорност ќе има – за сите.
